Top Sport

Срѓан Ѓоковиќ: Од лихвар позајмив пари со камата, да не беа за кариерата на Новак, крвта ќе ми ја испиев

Новак Ѓоковиќ во досегашната кариера, само од турнирските награди, заработил 151 милиони долари. Никој во историјата, од турнирите не заработил толку многу пари. Меѓутоа, на почетокот на кариерата, неговиот татко морал да позајмува пари од лихвари.

Како се задолжил, Срѓан Ѓоковиќ, открил во едно интервју.

„Тоа беше пред неговото заминување за Америка, каде требаше да игра на јуниорскиот Ју-ес опен. Тогашниот претседател на ТК Партизан ми вети дека ќе ги покрие трошоците за патот во САД. Меѓутоа, десет дена пред заминувањето ми се јави да ми каже дека не може да ни даде пари и сами да се снаоѓаме. Картите веќе беа резервирани, наредниот ден требаше да ги платам. Доколку не го направев тоа ќе ми пропаднеше и капарот што го имав дадено. Еден пријател ме однесе кај лихвар“.

Таткото на Ѓоковиќ открива детали од разговорот со лихварот.

„Ти се брза?“, го прашал лихварот.

„Да морам да платам авионски билети, за да не ми пропадне капарот“, му одговорил тој.

„Колку ти треба?“, го прашал лихварот.

„Ми требаат 5.000 долари на два месеци“, рекол Срѓан Ѓоковиќ.

„Види, кај мене месечната камата е 12 отсто, но за тебе е 15 отсто бидејќи многу се брзаш“, му објаснил лихварот.

„Го гледав неколку секунди и му реков дека е во ред. Ги зедов парите, стигнав дома, се заклучив во бањата и искршив се во неа. Се согласив на таков договор само поради мојот син и неговата кариера. Доколку мене ми требаа пари, немаше да можат да ме тргнат од него, крвта ќе му ја испијав“, раскажал таткото на најдобриот тенисер во светот.

Инаку, на тој јуниорски Ју-ес опен, Ѓоковиќ испадна во првото коло од Роберт Смитс. Смитс кариерата ја заврши без освоен АТП трофеј, со најдобар пласман на 146 место на АТП листата. Од турнирите заработил 335.000 долари.

Од друга страна Ѓоковиќ се уште е активен, во кариерата има освоено 20 гренд слем титули.

Scroll to Top