Top Sport

Пирло: Подобро да загубам, отколку да играм дефанзивен фудбал

Поранешниот тренер на Јувентус, Андреа Пирло вели дека научил многу во сезоната во која беше на чело на „бјанконерите“ и посочи дека е подготвен за нов предизвик, ветувајќи дека подобро ќе загуби контролирајќи го мечот, наместо да се брани.

Пирло без искуство го замени Маурицио Сари по деветтото последователно скудето за Јуве минатото лето, но имаше разочарувачка сезона, во која Интер доминантно стигна до титулата. Тој верува дека фудбалот во Италија е сменет во последните години и дека има млади тренери кои преферираат напаѓачки фудбал.

„Има млади тренери кои сакаат да направат нешто поинаку. За мене фудбалот оди во таа насока која Гвардиола ја покажа последните години. Ако не ја контролираш играта, тешко е да одиш на победа. Секако, има моменти кога имаш 90 отсто посед на топката, а противничкиот тим дава гол со еден удар, но подобро да загубиш така, отколку цел меч да се браниш околу пеналтикот и да чекаш контранапад. Јас нема да се сменам само бидејќи дел од резултатите не беа добри. Така размислувам за фудбалот, а секогаш работите зависат од какви фудбалери имаш со тебе. Научив многу, но беше интензивно. Игравме секои три дена без фанови, без опоравување“, вели Пирло.

42-годишниот Пирло, кој фудбалската кариера ја заврши во МЛС лигата со Њујорк сити ФЦ, би сакал да има нов предизвик надвор од Италија.

„Би сакал да одам надвор. Поминав три години во САД, така што немам проблем со англискиот јазик, а зборувам и француски. Чувствувам дека можам да одам било каде“, додава Пирло.

Scroll to Top