Поранешниот дефанзивец на англиските клубови Астон Вила и Болтон, Џејлојд Семјуел загина во собраќајна несреќа на само 37 години, потврдија од Фудбалската асоцијација на Тринидад и Тобаго.
Семјуел настапуваше за англиската репрезентација под 21 година, пред да има два настапи за репрезентацијата на Тринидад и Тобаго. Според британските медиуми тој загинал откако неговиот „Ренџ ровер“ се судрил со камион откако ги оставил своите деца во училиштето во Ворингтон, градче меѓу Ливерпул и Манчестер.
Астон Вила објавија дека ќе носат црни ленти во плеј-офот за влез во Премиер лигата со Мидлзборо денеска навечер на „Вила парк“. Семјуел имаше 169 настапи за Вила во Премиер лигата од 1998 до 2007 година, пред да настапи уште 71 пат за Болтон од 2007 до 2011 година. Потоа тој играше со Кардиф во Чемпионшипот, пред да ја заврши кариерата пред три години во Иран.