Првиот човек на Наполи, Аурелио Де Лаурентис, рекол дека постојат планови за основање на нова лига, која би била тешка 10 милијарди евра. Де Лаурентис рекол дека за да може да биде реализиран овој проект, најпрвин треба да биде намален бројот на клубови во националните првенства.
Контроверзниот Де Лаурентис, кој беше против идејата за формирањето на европската Супер лига, верува дека на европскиот клупски фудбал му се неопходни промени.
„Системот повеќе не работи. Лигата на шампиони и Лига Европа не им носат доволно пари на клубовите кои во нив се натпреваруваат. На секој клуб му се потребни поголем број на играчи за да биде конкурентен. Тоа значи дека клубот мора да има пари, за да донесе засилувања, но тоа не можете да го финансирате со парите кои доаѓаат од наградните фондови на европските натпреварувања“, рекол Де Лаурентис.
„Клубовите мора да разговараат, да го подобрат системот на натпреварување за сите клубови. Сакаме да го намалиме бројот на натпревари, да го намалиме бројот на клубови во најсилните европски национални првенства. Исто така, мора да смислиме европска лига со демократски систем на пласман преку националните шампионати. Смислив проект кој може на европскиот фудбал да му донесе 10 милијарди евра. За да го оствариме ова потребна ни е независност“, заклучил Де Лаурентис.