Букајо Сака храбро тврди дека Арсенал може да „освојува трофеи“ оваа сезона откако „топчиите“ со 3:1 го победија Тотенхем во вчерашното севернолондонско дерби, што беше нивни трет последователен триумф по трите порази на стартот на сезоната.
На „Емирати“, конечно, се врати малку оптимизам во проектот на менаџерот Микел Артета, и Сака, кој постигна гол против ривалите, вели дека со младите фудбалери и шесте нови засилувања ова лето може да се стигне и до титули.
„Можеме да оствариме било што, без разлика на возраста. Со годините доаѓа искуството, но во тимот имаме и искусни фудбалери. Мислам дека можеме да оствариме многу, и иако ќе одиме натпревар по натпревар, ако играме вака можеме да освојуваме и трофеи. Не можам да опишам како беше. Почнувајќи од атмосферата на стадионот, бидејќи поминаа две години од последното севернолондонски дерби со навивачи. Навистина посебно. Поблиску сме до вистински тим, со голем тимски дух и работите изгледаат добро. Сега треба да го повториме ова секоја недела“, вели Сака.