Првата светска тенисерка во моментов, Австралијката Ешли Барти која поради повреда го пропушти турнирот во Индијан Велс нема да ја брани титулата на ВТА завршницата што е предвидено од 10. до 17. ноември да се одржи во Гвадалахара, во Мексико. Таа одлучи да ја прекине сезоната.
„Сакам сите да знаат дека нема да учествувам на ниту еден турнир до крајот на оваа година, па ниту на женскиот Мастерс во Мексико“ објави денеска 25-годишната Барти која нема натпревар уште од третото коло на САД опен, во септември.
„Морам да му дадам предност на моето тело и на опоравувањето и морам да се концентрирам на предсезоната пред Австралија опен, во јануари. Со постојаната несигурност врзана за враќањето на Квинсленд и карантините, не сум подготвена да ги компромитирам своите подготовки за јануари“ вели Барти.
Австралијката годинава освои пет титулу – во Мајами, Мелбурн, Штутгарт, Синсинати и Вимблдон.