Тренерот на Милан, Стефано Пиоли не сакаше да одговара на прашањата околу можноста неговиот тим да стигне до скудетото оваа сезона бидејќи е „прерано“.
Милан во саботата стигна до 4:2 победа над Болоња, со што се израмни со Наполи на врвот на табелата, но Пиоли е загрижен за бројот на голови кој ги прима неговиот тим, откако во последните четири меча примија седум гола, а само трипати оваа сезона одиграа меч без да примат гол.
„Тоа е нешто што мораме да го подобриме. Мораме да бидеме повнимателни од тактичката страна, иако сме тим кој може да даде гол повеќе од ривалите. За скудето не можеме да зборуваме, бидејќи 9 меча се ништо. Но, добро е што фановите се среќни и што се горди на овој тим. Затоа сега мислиме само на следниот меч утре“, вели Пиоли пред утрешниот меч на Милан со Торино.
Додека во Серија А им оди одлично, во Лигата на шампионите, Милан забележа три порази во низа во својот прв настап во европското елитно натпреварување по седум години.