Најдобриот тенисер во Австрија доживеа непријатно изненадување во татковината. Тој дошол да го следи тенискиот турнир во Виена, но не му бил дозволен влез затоа што не е вакциниран против Ковид 19.
Инаку, Тим од неодамна започна со тренинзи, паузираше поради повреда. Во виенската спортска сала „Штатхал“ не можел да влезе ниту како гледач, на турнирот на кој во 2019 година триумфираше.
На овој турнир се применува таканареченото „2G” правило според кое во салата можат да влезат само вакцинирани и прележани на коронавирусот. На играчите и на нивните тренери за влез им е потребен негативен ПЦР тест.
Тим пред неколку недели рече дека не е вакциниран затоа што чекал да дојде вакцината „Novavaks”, која се уште нема одобрение за употреба.
Прашањето со вакцинацијата против Ковид 19 се наметнува и за Австралија опен 2022, кој на програмата е во јануари идната година.
Се појавија информации дека на турнирот во Мелбурн ќе можат да настапуваат само вакцинирани тенисери, но од тамошниот тениски сојуз порачаа дека дел од тенисерите кои ќе настапат може да се и невакцинирани, но во тој случај ќе мора да поминат карантин пред натпреварите.