Претседателот на Емполи, Фабрицио Корси е бесен за одлуката да не им се досуди пенал на мечот со Интер, посочувајќи дека тие за разлика од „големите“ клубови не ги нарекуваат судиите „шефови“.
Емполи вчера загубија дома со 0:2 од шампионот Интер, но беа лути што не им се досуди пенал во првото полувреме, кога Данило Д’Амброзио го собори Недим Бајрами во шестнаесетникот, но наместо пенал, судијата Даниеле Кифи дозволи играта да продолжи и во контранападот Интер поведе. Тренерот Андреа Андреацоли јасно го кажа тоа по мечот.
„Ако ВАР види јасна и очигледна грешка, зошто не му помогнат на судијата? Нели се за такви работи тука? Дури и мојот четиригодишен внук Томасо можеше да ви каже дека тоа е пенал“, изјави Андреацоли
Претседателот на Емполи, Корси отиде подалеку.
„Жал ми е бидејќи судиите се добри момци и видов дека им беше криво по мечот. Но, тоа не е ништо ново. Игравме 11 или 12 сезони во Серија А и ова се случува постојано. Но, јас не ги викам судиите ‘шефови’ како некои други“, вели Корси.