Top Sport

Рено има нов мотор, но Ред бул нема да го добијат во Канада

Подобрениот мотор на Рено е подготвен за Канадското ГП, но францускиот производител вели дека тој не е подобро решение за сите нивни тимови, „посебно за Ред бул“.

Иако на патеката „Жил Вилнев“ во Монтреал силен мотор носи голема предност, од Рено велат дека изборот ќе го направат според тоа колку делови веќе имаат сменето одредени возачи. Дури и тие кои искористија само еден сет досега, имаат поминато различни километри.

Двајца возачи со мотори на Рено се соочуваат со казна, вклучувајќи го победникот од Монтреал Даниел Рикјардо (Ред бул), кој имаше целосен сет на нови елементи на моторот за Кинеското ГП по откажувањето на моторот во Бахреин. Ако искористи трета промена на дел на моторот тоа ќе значи автоматска казна од 10 места.

Проблеми има и Штофел Фандорне од Мекларен, откако смени два контролни електронски системи.

„Имаме нова спецификација на моторот, но уште не можеме да потврдиме дека ќе ја користиме, бидејќи различните болиди имаат различни километри, така што ќе треба да направиме проценка. Имаме шест достапни мотори, но не верувам дека е најдобра идеја сите шест болиди да добијат нови мотори, посебно Ред бул. Ќе одлучиме во соработка со тимовите“, вели Сирил Абитебул од Рено.

Фото: ЕПА

Scroll to Top