Зинедин Зидан, вчера го шокираше фудбалскиот свет, со одлуката да поднесе оставка на тренерската функција во Реал. Оставката, Зидан, ја објави на вонредна прес конференција.
„Овој тим треба да продолжи да победува, но мислам дека е неопходна промена, нов глас, други методи и поради тоа ја донесов оваа одлука“, рече вчера Зидан.
По објавата речиси сите играчи на Реал преку социјалните мрежи се простија од тренерот со кого за две и пол години освоија три титули во Лигата на шампионите.
Единствен играч што не напишал ништо е Герет Бејл, херојот на Реал од финалето против Ливерпул на 26.мај во Киев.
Бејл, за разлика од соиграчите, ги користи но не е премногу активен на социјалните мрежи.
Во поблиското минато се огласи кога му го честиташе на Лукас Васкез, кога крилниот играч стана татко, а имаше и расправија со Тони Крос.
Велшанецот, иако постигна два гола во финалето против Ливерпул, по мечот не беше премногу среќен. Не го криеше незадоволството што финалето го започна како резерва и не криеше дека е разочаран што Зидан не му честитал по завршувањето на мечот.
Тој уште во Киев кажа дека ќе замине од Реал доколку не добие гаранции дека, наредната сезона, ќе биде стандарден во тимот.