Top Sport

Раиконен: Што знае Мика Хакинен за мојот живот?

Кими Раиконен ги отфрли шпекулациите дека е подготвен за пензија во Формула 1 и враќање во Рели ВРЦ шампионатот следната година.

Легендата на рели спортот, Томи Макинен, кој сега е шеф на ВРЦ тимот на Тојота, беше забележан со неговиот заменик Миа Миетинен на јахтата на Раиконен за време на Монако ГП викендот.

„Кими би можел да биде рели-возач на Тојота, но прво треба да одлучи дали сака да продолжи да биде Ф1 возач“, изјави Миетинен.

38-годишниот Раиконен, кој е најискусен активен Ф1 возач вели дека нема договор.

„Останувам заинтересиран за рели трките, но кога ќе завршам со Ф1 кариерата. Тоа не е тајна, но нема преговори. Луѓето можат да пишуваат што сакаат. Најсмешното беше што кажаа дека Мика Хакинен потврдил. Навистина? Колку знаат новинарот и Мика за мојот живот?“, вели Раиконен за финскиот весник „Илталти“.

Резервниот возач на Вилијамс и добар пријател на Раиконен, Роберт Кубица вели дека очекува Финецот да остане во Ферари.

„Во Ферари го познаваат многу добро бидејќи возеше толку години со нив. Постојаноста е многу важна во Формула 1“, вели Полјакот.

Фото: ЕПА

Scroll to Top