Сер Алекс Фергусон, покрај своите неверојатни успеси со Манчестер јунајтед, не е познат како „највнимателниот“ во односот кон своите играчи, и Рио Фердинанд вели дека веднаш сфатил колку е сериозна работата, посебно во дербито на Манчестер.
Фердинанд потпиша за Јунајтед од Лидс во јули 2002 за 30 милиони фунти (тогаш британски рекорд), а само четири месеци подоцна во ноември, имаше шанса да го игра првото дерби на Манчестер на гости на „Мејн роуд“ кај Сити, во меч во кој загубија со 3:1. Фердинанд вели дека со односот на Фергусон кон Руд ван Нистелрој, тогаш првиот напаѓач на тимот сфатил дека нема шега.
„Загубивме со 3:1 на ‘Мејн роуд’ кога Шон Гоутер ни даде два гола. Тоа беше првото градско дерби кое го играв и моментот кога сфатив колку е важен мечот беше во соблекувалната. Влеговме и работите беа тивки, а менаџерот ја затвори вратата. Тогаш експлодираше. Руд ван Нистелрој, кој беше како бог во тимот, влезе во соблекувалната со дрес на Сити и Фергусон збесна: ‘Ако ве видам да носите дрес на Сити никогаш нема да заиграте за овој клуб’. Беше лудо. Тогаш си помислив: ‘Ова е навистина голем меч, нели?’“, открива Фердинанд.