Новиот менаџер на Астон Вила, Стивен Џерард не сака да разговара за можноста во иднина да го преземе кормилото на Ливерпул, клубот во кој се прослави како играч и истакнува дека сега е потполно фокусиран на работата во Бирмингем.
Пред неколку дена Џерард беше именуван како стратег на тимот од „Вила парк“. На првата прес-конференција веднаш беше поставено прашање поврзано со Ливерпул.
„Не мислам дека на оваа конференција треба да се зборува за тие работи. Не сакам да зборувам за ниту еден друг клуб освен за Астон Вила. Потполно сум посветен на новата работа, им ветувам на навивачите дека ништо нема да го поремети мојот фокус. Почестен сум што добив шанса да водам вака голем клуб“ рече довчерашниот стратег на Глазгов Ренџерс.
Потоа, следуваа уште прашања поврзани со „црвените од Енфилд“.
„Тие имаат тренер од светска класа во Јирген Клоп. Ако тој сега потпише доживотен договор со клубот, јас би бил многу среќен. Од самиот старт сум во контакт со него, живееме во ист крај, го гледам често како го шета кучето. Ми рече дека се радува на моето доаѓање во Премиерлигата“ рече Џерард.