Американката Серена Вилијамс се повлече од Ролан Гарос пред стартот на мечот од четвртото коло против својата стара ривалка, Марија Шарапова.
36-годишната Американка, која се враќа на тенисот по паузата поради бременост, има повреда на стомачните мускули. Вилијамс, која има 19-2 скор против Шарапова, го имаше својот кам-бек на гренд слем турнирите во Париз, вели дека се надева дека ќе биде подготвена за Вимблдон.
„За жал имам проблеми со стомачните мускули и во моментов не можам да сервирам и многу е тешко да се игра“, изјави Вилијамс, освојувачка на рекордни 23 гренд слем титули во блескавата кариера.
Следна за Шарапова во четврт-финалето на гренд слемот на кој двапати беше шампионка е или ексшампионката Гарбиње Мугуруза или Украинката Лесија Цуренко.
Во другите дуели од четвртото коло кај дамите, светската тенисерка број 1, Симона Халеп влезе меѓу осумте најдобри, додека шампионката од Австралија опен, Каролине Вознијацки доживеа пораз.
Сѐ подобрата млада Русинка, Дарја Касаткина успеа во мечот кој беше одложен во неделата навечер поради недостаток на светло, бргу да ја заврши работата и со 7:6(5)/6:3 да ја победи Данката. За 21-годишната Касаткина ова е прво гренд слем четврт-финале, во кое ќе се сретне со шампионката од САД опен, Слоун Стивенс.
Романката Халеп пак, беше апсолутно безмилосна против Елизе Мертенс победувајќи ја со фантастични 6:2/6:1. Халеп двапати загуби во финалињата на Ролан Гарос – од Марија Шарапова во 2014 и лани од Јелена Остапенко и сега е прва фаворитка за титулата.
Фото: ЕПА