Дресовите што ги носеа хрватските фудбалски репрезентативци во последниот квалификациски меч за пласман на СП против Русија се продадени на он лајн аукција за 23.729 евра.
Сите хрватски фудбалери кои беа во записникот на овој меч, на кој „коцкастите“ со победата од 1-0 обезбедија пласман на Мундијалот во Катар ги отстапија дресовите за хуманитарна акција, а почетната цена на сите изнесуваше 89 евра.
Највисока цена достигна оној на Лука Модриќ – 2.215 евра, па следуваа Иван Перишиќ (1.650 евра), Јошко Гвардиол (1.550), Марсело Брозовиќ (1.365) и Ловро Маер (1.150).
Откако Хрватите станаа првата фудбалска селекција во светот која дресовите од меч со натпреварувачки карактер (носени на мечот Хрватска – Унгарија, квалификации за ЕП2020) ги отстапи на аукција за хуманитарни цели и притоа собра 31.352 евра, истиот пример го следеа уште шестпати.
Истото го сторија и на мечот од осминафиналето на ЕУРО2020 против Шпанија, тогаш од продажба на дресовите беа собрани 48.909 евра.
Досега од продажбата на дресовите на хрватските репрезентативци се собрани 180.413 евра.