Светскиот шампион од 1997 година, Жак Вилнев ќе го вози болидот на Ферари од 1978 година на неговиот татко Жил пред Канадското ГП во Монтреал за да ја одбележи 40-годишнината од првата победа на Жил Вилнев.
Помладиот Вилнев веќе го возеше болидот Ферари 312 Т3 на „Гудвуд фестивалот“ во 2004 година, и со него ќе стартува пред неделната трка во Монтреал и ќе ги предводи возачите во загревачкиот круг.
„Ова е прекрасно, бидејќи првпат ќе водам со Ф1 болид во Монтреал. Како што минува времето, сеќавањето на Жил има повеќе значење, бидејќи сфаќам што навистина значи за фановите и за историјата. Сега, кога имам деца, значењето е уште поголемо. Веќе го имам возено тој болид и чувството е како да си во конзерва со туна“, вели Вилнев.
Вилнев ќе биде придружуван од неговата мајка Жоан, и од шефот на Канадското ГП, Франсоа Думонтие, кој е главниот човек зад шоуто.
„За мене е огромна чест овој викенд да се вози болидот со кој Жил победи во 1978 година. Ова ми носи огромни сеќавања, нешто што ми носи среќа. Таа прва победа беше многу важна за него“, додава Жоан Вилнев.