Фудбалскиот сојуз на Шпанија богато ќе ги награди фудбалерите доколку успеат да ја освојат титулата на Светското првенство во Русија. Ако Иниеста, Рамос, Де Хеа, Пике и останатите го повторат успехот од 2010 година, секој од фудбалерите ќе добие по 825.000 евра.
Шпанците, го зголемија наградниот фонд, бидејќи за освоената титула пред осум години, играчите добија по 600.000 евра.
Со нешто помала сума за евентуалното освојување на титулата ќе бидат наградени Бразилците. Доколку Нејмар и останатите успеат да му ја донесат шестата титула на Бразил, тогаш секој играч ќе добие по 800.000 евра.
Титулата на СП ќе ја брани Германија, меѓутоа во Сојузот не сакаат да се расфрлаат со пари, па за одбрана на титулата Германците ќе добијат по 350.000 евра.
Инаку, наградниот фонд во однос на претходниот мундијал, го зголеми и ФИФА. Светската куќа на фудбалот, репрезентациите што се пласираа во Русија ги награди со по осум милиони евра, а наградите ќе се зголемуваат за секој нареден круг.
Дури 11 милиони евра ќе добијат осминафиналистите, а пласман во четврт-финалето ќе биде наградено со 15 милиони евра.
ФИФА објави дека победникот на СП ќе добие 33 милиони евра, финалистот 25, третото место носи 21, а четвртото 19 милиони евра.