Хрватска стигна до 2:1 победа над Сенегал во „Градски врт“ во Осиек, во последниот тест пред стартот на Мундијалот за „коцкестите“, но до победата не стигна лесно.
Младиот фудбалер на францускиот Рен, Исмаила Сар во 48. минута доби фантастична топка од Диаје и го совлада голманот на Монако, Даниел Шубашиќ.
Хрватите се вратија во 63. минута преку Иван Перишиќ, откако тој постигна гол од слободен удар, кој го погоди живиот ѕид и го измами голманот на Сенегал, Абдулаје Диало. Напаѓачот на Хофенхајм, Андреј Крамариќ го реши мечот во 77. минута со гол по една мешаница во противничкиот шестнаесетник.
Хрватска е во група со Аргентина, Нигерија и Исланд на Мундијалот, додека Сенегал, во вториот настап на едно СП, е во групата Х со Полска, Колумбија и Јапонија.
Во другите пријателски мечеви, Иран во Москва со 1:0 ја совлада Литванија.
ПРИЈАТЕЛСКИ МЕЧЕВИ
Хрватска – Сенегал 2:1
Иран – Литванија 1:0