Шефот на Ферари, Матија Биното вели дека шпекулациите дека Жан Тод би се вратил во Скудерија се „само шпекулации“.
Тод минатиот викенд присуствуваше на Саудиското ГП, негова последна посета на Ф1 трка по 12 години како претседател на Светската автомобилистичка федерација (ФИА), пред крајот на неговиот мандат на 17 декември.
Шпекулациите во италијанските медиуми тврдат дека Тод сака враќање во Маранело, каде што беше шеф на тимот од 1993 до 2008, најуспешниот период во историјата на тимот, но на позиција на супервизор или советник. Тод заедно со Рос Браун беа најзаслужни за петте титули во низа на Михаел Шумахер за црвениот болид.
„Слушнав некои работи за тоа, но засега ќе потврдам дека тоа е само шпекулација. Лично, јас работев со Жан Тод, тој ми беше шеф и научив многу од него и беше чест да се учи од него. Не би имал проблем да учам од него повторно, но верувајте немаше преговори меѓу Ферари и Тод“, изјави Биното.