Поради економските санкции што на Иран му ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп, американските производители на спортска опрема нема да можат официјално да ги спонзорираат иранските фудбалери на претстојното Светско првенство во Русија.
„Ние како американска компанија, поради санкциите, не можеме на Иранците да им обезбедиме копачки“, порачале од компанијата „Најки“.
Иранците се лути поради оваа одлука, а селекторот Карлос Кеирош, за иранските медиуми рекол дека ова „е навреда за Иран“ и дека Сојузот ќе се жали кај ФИФА.
„Не смее да се случи на играчите да им се воведуваат вакви забрани пред почетокот на првенството. Сите знаат дека на играчите им е важно да играат во своите копачки“, рекол Кеирош.
Иран носи дресови на компанијата „Адидас“, меѓутоа најголем дел од фудбалерите носат копачки на „Најки“.
Иран на СП е во Б-групата заедно со Мароко, Шпанија и Португалија.