Реал Мадрид ја одбиле понудата на Вест хем од само 25 милиони евра за белгиската ѕвезда Еден Азар, сметајќи ја како навреда за шпанскиот клуб, тврди каталонскиот весник „Ел насионал“.
Азар пристигна во Реал од Челси во 2019 како најскапо засилување во историјата, чинејќи ги 100 милиони евра, а според шпекулациите покрај бонусите и дополнителните трошоци, оваа сума скокнала на 150 милиони евра.
Но, Белгиецот никогаш не ги достигна височините кои ги покажуваше во Челси, со низа повреди и падот на форма, и имаше само 25 настапи во Ла лига во две и пол сезони во Шпанија. Оваа сезона, опоравен од повредите, тој не успеа да влезе во тимот на Карло Анчелоти (4 настапи во Ла лига и 1 во ЛШ), кој јавно порача дека е можеби време тој да побара нов клуб.
Сепак, секоја понуда за 30-годишниот Азар би морала да надмине 50 милиони евра, бидејќи претседателот Флорентино Перез смета дека понудата од 25 милиони евра била „навредлива“. Тие сметаат дека Њукасл јунајтед се единствениот премиерлигашки клуб кој е подготвен да ја плати високата сума и огромната плата, но тој не сакал да се пресели на „Сент Џејмс парк“ бидејќи стравува дека тимот ќе испадне од Премиерлигата.