Многу фудбалски ѕвезди во Шпанија, во изминатите три години се соочија со обвиненија дека на разни начини избегнувале да плаќаат данок. Меѓу првите беше осуден Лионел Меси. Тој во 2016 година беше осуден на 21-месечна затворска казна и на државата мораше да и плати 12 милиони евра. Не заврши в затвор бидејќи казната беше помала од 24 месеци.
Ѕвездата на Барселона тврди дека одредени медиуми од Мадрид одлучиле да биде покренат процес против него.
„Постоеше наредба од Мадрид оркестрирано да ме нападнат, да ме победат и да го искористат моментот на слабост. Беше тешко да се мине низ сето тоа“, рекол Меси и дополнил.
„Бев блиску да паднам во депресија, само поради начинот на кој што ме напаѓаа медиумите од Мадрид, поради она што го пишуваа за моето семејство. Почувствував дека сум нападнат“, истакнал Аргентинецот.
„Имав среќа. Поддршката на луѓето што ме сакаат од Барселона ми помогна да се опуштам“.
Проблеми со даночните власти во Шпанија има и најголемиот спортски ривал на Меси, Кристијано Роналдо. Најдобриот играч на Реал со месеци не може да постигне договор околу сумата за која властите тврдат дека избегнал да ја плати.