Ентони Џошуа пред 73 илјади навивачи на стадионот „Принсипалити“ во Кардиф ги одбрани ИБФ и ВБА титулите во тешка категорија откако судијата го прекина мечот против Французинот Карлос Такам во десеттата рунда од мечот, кога предизвикувачот веќе беше повреден.
Џошуа заработи 15-тина милиони фунти за својата 20-та професионална победа со 20-ти прекин или нокаут, зголемувајќи си го статусот на вистинска ѕвезда во тешката категорија и сега веќе може да почна да го планира следниот меч, за обединување на титулите со ВБЦ шампионот, Американецот Дионтеј Вајлдер.
Од другата страна, 36-годишниот Такам направи сè што беше во неговата моќ да остане на нозе и да ја бара шансата да го нокаутира Британецот, но исечениците над двете очи и сериозните удари кои ги добиваше во текот на десетте рунди беа премногу.
Сепак, ако не импресионираше со боксерските квалитети, мора да се рече дека Французинот со камерунско потекло покажа вистинско срце на воин. Такам исто така беше замена во последен момент, откако пред само две недели се повреди бугарскиот предизвикувач Кубрат Пулев.
Мечот започна со внимателни први три минути во Кардиф, во кои имаше спор старт и двајцата боксери си ги тестираа можностите. Во втората рунда, Такам при еден обид да упати удар во телото со глава го удира шампионот во глава, удар кој најверојатно му го скрши носот на Британецот.
Ова како да го налути Џошуа, кој во четвртата рунда почна да биде поактивен и при еден удар со десницата го праќа Такам на подот. Предизвикувачот продолжува со мечот и во петтата рунда добива два силни удари во главата и исеченица над левото око, кое почнува да му крвари и лекарите подоцна неколку пати ќе го проверуваат дали тој воопшто може да продолжи.
До осмата рунда, Џошуа води на поени кај судиите и исходот на мечот е јасен, но Такам не се предава и со исеченици над двете очи уште го предизвикува Џошуа да тргне во напад. Меѓутоа, во деветтата рунда добива уште два удари во главата, по кои продолжува со одлична храброст.
Меѓутоа, во десеттата рунда судијата Фил Едвардс го прекинува мечот и покрај инсистирањето на Такам дека може да продолжи. Многумина ќе се согласат дека Французинот заслужуваше шанси да се обиде да издржи 12 рунди и да го шокира шампионот, а изгледа и Џошуа мислеше така.
„Не ме интересираат судиските одлуки, туку се грижам за мојот противник. За жал, судијата го прекина мечот, а мислам дека луѓето сакаа да го видат Такам во несвест на подот, така? Ќе стигнеше таму, но судијата го прекина. Немам контрола над одлуката на судијата. Сега ја планирам 2018 година“, изјави Џошуа.
Такам пак, веднаш побара ри-меч.
„Не требаше да се прекине и не знам што правеше судијата. Го почитувам шампионот и британските навивачи, но требаше да продолжиме. Сакам ри-меч. За овој меч се подготвував 12 дена. Сакам пак во рингот со големиот шампион“, изјави Такам.