На легендата на шведскиот фудбал, Хенрик Ларсон му е доста од дискусијата дали Златан Ибрахимовиќ требаше да биде дел од шведската репрезентација на СП во Русија, велејќи дека тоа што тој не е во тимот може да се покаже како плус.
Ибрахимовиќ неколку пати посочуваше дека е подготвен да се врати од пензија во репрезентацијата и да помогне во Русија, но шведската федерација реши да го остави 36-годишниот ветеран на страна. Ларсон, сега вели дека тоа е исправна одлука.
„Тој е најдобриот фудбалер од Шведска, така што не е чудно што се појавуваат тие прашања. Но, за групата мислам дека е добро што тој не е таму и што може да се фокусираат на работата пред себе. Сите новинари уште зборуваат иако тој не е тука. Физички подготвен Златан, пред неговата последна повреда би бил совршен за секој играч. Но, сега е време да се покажат Ола Тоивонен и Маркус Берг“, вели Ларсон.
Тој исто така застана во одбрана на 23-годишниот дефанзивец на Манчестер јунајтед, Виктор Линделоф, кој оваа година доби многу критики за неговата игра.
„Не мислам дека тој страдаше во Јунајтед, но треба да му се даде време. Тој е одличен дефанзивец кој знае да ја чита играта и е многу брз. Следната сезона сигурно ќе биде подобар“, додава Ларсон.
Фото: ЕПА