Шефот на Мерцедес Ф1, Тото Волф вели дека ривалите од Ферари се наоѓаат во привилегирана состојба пред новата сезона 2022 во која има драстично сменети правила, откако тие предвреме се фокусирале на промените и може да бидат најголемото изненадување во март во Бахреин.
Ферари жртвуваа голем дел од ресурсите за 2021 за да се фокусираат на промените на регулативите оваа сезона, во исто време додека Ред бул и Мерцедес се трошеа на подобрување на болидот за 2021 со тесната битка за титулата.
„Мораме да претпоставиме дека Ферари ќе се борат за победи во новата сезона, бидејќи имаа повеќе време за аеродинамички подобрувања по лошата сезона. Ферари се голем тим, ги имаат сите потребни ресурси за градење на силен болид и затоа мораме да внимаваме. И тоа не само на Ферари, има неколку тима со амбициозни програми“, вели Волф.
Шефот на Ферари, Матија Биното неодамна сакаше да ги намали очекувањата на тифозите, велејќи дека не постои „магично стапче“, но сега потврдува дека целиот фокус бил свртен кон новата сезона.
„Имаме голем буџет, но не верувам дека го имаме најголемиот буџет во Ф1. Решивме 2022 да биде првиот приоритет и не се правеа компромиси. Новата ера на регулативи ни нуди шанса да се доближиме до Мерцедес и Ред бул“, изјави Биното.