Откако остана без место во Ф1 на крајот на 2020, Серхио Перез признава дека размислувал за повлекување од спортот пред да стигне понудата од Ред бул.
Мексиканскиот возач го загуби местото во Рејсинг поинт (тим кој сега се вика Астон Мартин), откако газдата на тимот, Лоренс Строл реши да го донесе Себастијан Фетел како партнер на неговиот син Ленс Строл. За негова среќа, Ред бул решија да не му дадат уште една сезона на Алекс Албон, пред да го изберат Перез.
Во 2021 година тој несомнено беше возач за поддршка на Макс Ферстапен на патот до неговата светска титула, но вели дека секогаш ќе се сеќава на подиумот во својата домашна трка во Мексико.
„Во Мексико беше навистина прекрасно за мене бидејќи сите луѓе кои беа со мене од првиот ден беа присутни на патеката. А на крајот на 2020 немав место во Ф1. Сигурно ќе ја завршев кариерата да не ми дадеа шанса од Ред бул. Да ги имам сите фанови, семејството, сите луѓе кои ме поддржуваа, итрофејот да ми го даде Карлос Слим, еден од моите најголеми поддржувачи беше посебно. Но, не и доволно, сакам во 2022 да победам во Мексико сити“, вели Перез.