Преодниот менаџер на Манчестер јунајтед, Ралф Рангник вели дека ја стопирал можната позајмица на 19-годишниот Ентони Еланга откако по пристигнувањето во клубот гледал Јутјуб клипови од младиот Швеѓанец.
Еланга, кој имаше само 17 минути фудбал под Оле Гунар Солскјер, требаше да оди на позјамица овој месец, но Рангник бил импресиониран од тоа што го видел и му даде шанса на тинејџерот, кој вчера го постигна својот прв премиерлигашки гол при 1:3 победата кај Брентфорд, што беше негов втор старт во низа под Рангник.
„Тој се искажа уште од првиот тренинг со мене. Го имав слушнато неговото име претходно и бев во мојата хотелска соба и решив да погледам малку Јутјуб видеа од него и си помислив: ‘Ова момче е навистина добро’. Беше пред позајмица и му кажав дека ќе остане тука и ќе се развива со нас“, вели Рангник.
Еланга, кој е син на поранешниот камерунски дефанзивец Џозеф Еланга, е роден во Шведска, каде што неговиот татко играше за Малме. Тој се приклучи на академијата на Јунајтед на само 12 години и вели дека ужива под интензивниот тренинг-режим на Рангник.
„Сакам да работам на тренинг. Начинот на кој тренирам, сакам да бидам таков и на теренот, со ист интензитет. Ако менаџерот го види тоа, ќе дојде твоето време. Го ценам менаџерот кој направи многу за мене. Се надевам дека ќе стартувам повеќе мечеви“, вели Еланга.