Потпретседателот на Барселона, Жорди Местре тврди дека шампионите од Ла лига ќе имаат внатрешни разговори со Жерард Пике и Самуел Умтити по одлуката на Антоан Гризман, фудбалер кој постојано се поврзуваше со трансфер во каталонскиот клуб, да остане во Атлетико Мадрид.
Гризман одлуката да остане на „Ванда метрополитано“ до 2023 година ја објави на чуден начин, со документарен филм на „Мовистар плус“, а „финтата“ е во тоа што инвестициската компанија на Пике, „Космос“ била продуцент на документарецот. По објавата, Пике преку Твитер му се заблагодари на Гризман, посакувајќи му сѐ најдобро во Атлетико.
По ова Пике се правдаше дека немал улога во одлуката на Гризман, освен со идејата тој да сними документарен филм. Меѓутоа, Местре не е задоволен со неговите постапки, но и со тие на дефанзивецот Самуел Умтити, кој го сподели документарниот филм преку своите акаунти.
„Ќе зборуваме со двајцата по Светското првенство за тоа што се случи, но нема да даваме јавни коментари. Лошо е за навивачите кои се разочарани од начинот на кои се заврши таа приказна. Претседатело веќе зборуваше со Пике. На Гризман му посакуваме среќа, бидејќи во нашиот клуб сакаме само фудбалери кои се посветени на успехот со нас“, вели Местре.