Откако Ред бул и официјално потврдија дека го завршуваат партнерството со Рено на крајот на сезоната за следната година да возат со мотори на Хонда, шефот на Рено Ф1, Сирил Абитебул вели дека неговите сега поранешни партнери ќе страдаат за одлуката.
Иако Ред бул и Рено заедно освоија четири титули со Себастијан Фетел, во последните сезони нивните односи доживеаја вистински крах, откако францускиот производител не се снајде најдобро при трансферот на В6 турбо-хибридните мотори, предавајќи ја доминацијата на Мерцедес. Соработката завршува, но војната на зборови очигледно ќе продолжи.
„Ќе направиме сѐ што можеме да зажалат за оваа одлука. Што мислам со ова? Едноставно дека ќе се обидеме да направиме успех со нашиот тим под нашите бои. До крајот на сезоната ќе имаме и Ц-спецификација на моторот со голем скок во перформансите. Секако, тоа ќе го добијат и во Ред бул, но се надевам дека ќе ги натераме да зажалат“, вели Абитебул.
Французинот додава дека никој во Рено не бил изненаден со одлуката.
„Не, искрено, за нас ова е само потврда на тоа што го знаевме. Ова е повеќе стратешка и комерцијална одлука отколку техничка или спортска на Ред бул. Но, ги сфаќам. Тие сакаат позиција на фабрички тим, а бидејќи не можат со нас, тука е Хонда. За нас, сега останува фокусот на нашиот тим“, додава Абитебул.