Новиот менаџер на Лидс јунајтед, Џеси Марш смета дека има „стигма“ против американските фудбалски тренери во европскиот фудбал, и додава дека хит-серијата „Тед Ласо“ не помогнала во подобрувањето на имиџот.
48-годишниот Марш го замени Марсело Биелса на клупата на „Еланд Роуд“, откако претходно беше отпуштен од РБ Лајпциг поради слабите резултати.
„Има некоја стигма, а не сум сигурен дека ‘Тед Ласо’ помогна. Не сум ја гледал серијата, но знам за што се работи. Прво, луѓето мразат да го чујат зборот сокер, а јас секогаш велам фудбал од времето кога бев фудбалер. Во САД се навикнуваме на европската игра и посебно со Премиерлигата“, вели Марш.
Тој имаше успешен период како тренер на австрискиот Ред бул Салцбург, со кои освои две титули, но во Лајпциг имаше само 4 месеци како замена за Јулијан Нагелсман.
„Сфаќам дека мислат дека американските тренери немаат доволно искуства кои можат да се направат тука во Европа. И искрено, во право се. Тоа беше причината поради која дојдов во Европа, поради која научив германски јазик. Ова е петта земја во која сум бил тренер и никогаш не сум бегал од предизвиците. Можам да кажам дека одам до максимум, дека верувам во тоа што сум , во луѓето со кои работам. Мислам дека така можеш да бидеш изненаден од човечкиот дух и да оствариш многу. Па, можеби звучам како Тед Ласо“, додава Американецот.