Марјан Вајда, потврдил дека го напуштил стручниот штаб на Новак Ѓоковиќ по завршувањето на Мастерсот во Торино. Поради се она што му се случуваше на Ѓоковиќ во Австралија, Словакот, не сакал да се огласува во јавноста на оваа тема. Открил дека одлуката да повеќе не работи со Ѓоковиќ ја донел по Ју-ес опен.
Вајда, за словачкиот медиум „Шпорт“, открил дека настапот на Ѓоковиќ на Олимписките игри во Токио, била капката која ја прелила чашата.
„Откако освои три гренд слем титули, од крајот на јули работите не одеа онака како што посакувавме. Кулминацијата се случи во Њујорк, каде беше на чекор од историјата. Остана без сила во финалето против Медведев, бидејќи премногу се потроши на Олимписките игри. Јас бев против одлуката да игра во Токио. Ја разбрав неговата цел, сакаше да освои злато за Србија, но не успеа, последиците ги почувствува во Њујорк. Бидејќи не е вакциниран сезонава ќе учествува на ограничен број на турнири, а тимот со Горан Иванишевиќ е доволно силен. Откако ги разгледавме сите опции се договоривме да се разделиме“, рекол Вајда.