Фудбалерите на Брегалница в недела од 14 часот на Градскиот стадион во Штип го пречекуваат Пелистер во 22. коло од Првата македонска фудбалска лига.
По претходните три кола во кои беше освоен само еден бод, „сините“ посакуваат победа против битолчани и за крај на резултатската криза. Брегалница на ниту еден натпревар од пролетниот дел од сезоната не беше надиграна од противници, но осамнаа непосакувани резултат на кои сега треба да им се стави крај.
„Секако дека против Пелистер атакуваме на победа, со која би ставиле крај на оваа резултатска криза. Јасно е дека секоја екипа има одреден ваков период, за жал нас тоа не зафати сега, но искрено верувам дека сето тоа ќе заврши затоа што има навистина одлична атмосфера во екипа. Оваа Брегалница има уште многу што да каже до крајот на сезоната“, вели најдобриот стрелец во редовите на „сините“, Марјан Алтипармаковски.
Главен судија на натпреварот со Пелистер ќе биде Влатко Илиоски од Прилеп.