Бразилскиот тимски доктор вели дека болките во грбот на Марсело, поради која дефанзивецот на Реал Мадрид беше повлечен по само 10 минути игра при победата од 2:0 на Србија е предизвикана од душекот во хотелот во кој претстојуваат бразилските фудбалери.
Докторот Родриго Ласмар по натпреварот изјави дека е оптимист и дека 30-годишниот Марсело би требало да биде подготвен за осминафиналето против Мексико, но дека мора да се испитаат условите за спиење на фудбалерот.
„Прерано е да направиме вистинска дијагноза, но повредата може да е поврзана со душекот во хотелот. Иако, очекуваме да биде подготвен, мора да останеме трпеливи и да почекаме неколку дена“, вели докторот Ласмар.
Марсело пропушти три меча на Реал Мадрид поради повредата на бутниот мускул во февруари, но во последните години нема посериозна повреда која го оддалечила од теренот.
„Марсело е под медикаменти и засега добро реагира. Се работеше за грчеви на мускулите. Кога ќе почне да тренира ќе биде подготвен и да игра“, додава Ласмар.