Италијанските медиуми и понатаму детално се занимаваат со српскиот тренер Синиша Михајловиќ и неговата минатонеделна изјава дека „не знае која е Ана Франк“.
Тренерот на Торино минатата недела на прес-конференција бил прашан што мисли за за гестот на навивачите на Лацио, кои ја користеа Ана Франк облечена во дрес на Рома само за да ги испровоцираат и навредат навивачите на најголемиот ривал, и рекол дека не знае која е Ана Франк.
„Навистина не знам, не сум упатен во таа тема, се извинувам“, рекол Михајловиќ.
Кога новинарот му објаснил дека тоа е еврејско девојче кое пишувало дневник како со семејството се криеле во Амстердам од нацистите за време на Втората светска војна, а кое потоа било убиено во концентрационен логор, Михајловиќ ги изненадил сите со констатацијата дека никогаш не слушнал за Ана Франк обидувајќи се да објасни дека во „Србија не учеле за Ана Франк туку за Иво Андриќ“.
„Реков дека не читам весници, па новинарите ме прашаа за Андреа Белоти, а потоа и за Ана Франк…Тоа е скокање од тема на тема. Бев збунет, не разбрав во кој контекст е поставено прашањето. Не знаев што направиле навивачите на Лацио. Ја сум против фашизмот, а секоја недела добивам навреди на стадионите. Нас во Србија нè учеа за Иво Андриќ, а не за Ана Франк. Не гледам зошто е проблем ако не знам ништо за неа“, истакнал тренерот на Торино.
Веднаш по овие изјави „Калчомеркато“ донесе приказна од шестиот фестивал „Симпсоар“ од Сараево, потенцирајќи дека на настанот биле присутни Срби, Хрвати, Босанци и дека Михајловиќ слична изјава не би можел да даде за ниту една балканска телевизија.
Како доказ за оваа своја теза, авторот Луиџи Џиџи Рива, легендата на италијанскиот фудбал, наведува дека „ за Ана Франк и за нејзиниот дневник се учеше во основните и средни училишта во Југославија, а особено во период кога Михајловиќ бил дете“. Во текстот авторот Рива вметнува и дека во Југославија се учело и за Тито, борбата против нацистите, бомбардирањето на Белград на 6 април 1941 година.
Исто така тој наведува дека сличен статус како и Евреите, во Втората светска војна, имале и Србите, споменувајќи го логорот Јасеновац.
„Наводната искреност на Михајловиќ можеби треба да се гледа и од друга страна, односно тој не сакал да им се замери на навивачите на својот поранешен клуб, припадниците на ‘Curva nord’, кои се познати по своите фашистички ставови. Истите тие беа автори на транспарентот со поддршка за ‘тигарот Аркан’, човек кој е познат по етничкото чистење, но и поранешен голем пријател на Михајловиќ. Додека самиот Михајловиќ за Ратко Младиќ, ‘Касапот од Сребреница’ рекол дека „Младиќ е патриот кој се бори за својот народ“. А тука е и инцидентот од неговите играчки денови, кога на расна основа го навреди Патрик Вијера“, заклучува Џиџи Рива.