Top Sport

Неверојатната животна приказна на „рускиот Бразилец“, Марио Фернандеш

Марио Фернандеш се подготвува во недела да блесне за својата втора татковина, Русија и да помогне да се елиминираат моќните Шпанци во осминафиналето, за да стави целосен круг на неверојатната животна приказна.

1.89 метри високиот дефанзивец е еден од клучните фудбалери на селекторот Станислав Черчесов, но патот до Русија беше тежок и полн со проблеми.

Пред стартот на неговата кариера, само една недела пред да потпише за Гремио, Фернандеш исчезна и никој од неговите пријатели, родители или клупски колеги не знаеше каде е. По три дена потрага, тој беше пронајден во домот на неговиот чичко на 1.000 километри од родниот град Сао Каетано во близината на Сао Пауло.

Причината беше депресија на само 18 години, по што тој беше хоспитализиран еден месец. Изгледаше дека кариерата му е завршена, но тој не се откажа. На 21 години доби повик од бразилската репрезентација и требаше да патува на дерби против Аргентина, кога повторно судбината го направи своето – тој не сакаше да се качи во авионот поради „лични проблеми“.

Бразил веќе не го викаше, но добрите игри привлекоа интерес на големите европски клубови, како Реал Мадрид. Но, наместо тоа, по трансферот од 15 милиони евра, тој заврши во ЦСКА Москва. Во првата сезона со рускиот клуб, освои двојна титула и повторно заслужи повик во бразилската репрезентација.

Тој дебитираше на меч против Јапонија, но еден месец подоцна изјави дека сака да игра за руската репрезентација, предизвикувајќи многу негодувања во Бразил. Во јули 2016 година тој доби руско државјанство, но не можеше да настапи на Евро 2016 бидејќи беше играч на ЦСКА Москва од април 2012 и не поминаа потребните пет години престој во Русија за да добие дозвола од УЕФА.

Фернандеш дебитираше за руската репрезентација на 24 март 2017 во пријателски меч со Брегот на Слоновата Коска, иако остана на клупата, пред конечно да добие шанса во пријателскиот меч со Јужна Кореја на 7 октомври 2017, и оттогаш да ја добие довербата на селекторот Черчесов, кој го именуваше и во 23-члениот состав за домашниот Мундијал.

Фото: ЕПА

Scroll to Top