Поранешниот шпански голман Сантијаго Кањизарес даде емотивно интервју за аргентинското радио „Супер депортиво“, во кое покрај за својата професионална кариера зборуваше и за смртта на неговиот петгодишен син Санти, кој почина во март по долгата болест.
„Мислиш дека никогаш нема да треба да поминеш низ такво нешто. Санти беше роден здрав, но по три и пол години, преку ноќ се разболе и се боревме 15 месеци. Но, против таква болест тешко е да бидеш победник. Најголема поддршка имав во мојата вера, бидејќи сум католик и верувам во Бог. Ова не е казна од никого, туку поради некоја причина Бог го сакаше мојот син до него. Живеам со голема тага, тоа не можам да го избегнам“, вели Кањизарес
Поранешниот голман на Реал Мадрид има уште шест деца и е среќно оженет со Маите Гарсија и вели дека има порака за сите.
„Поминаа неколку месеци, но ми изгледа дека поминале пет години. Секогаш сум имал голем страв од смртта, но сега знам дека кога ќе заминам од овој свет повторно ќе бидам со мојот син“, вели Кањизарес.