Поранешниот голгетер на Манчестер сити, Серхио Агуеро тврди дека сите медиуми во Англија се фанови на лутите ривали на неговиот поранешен клуб, Манчестер јунајтед.
Агуеро, откако на „Твич“ изгледа видео од неговиот славен гол при 3:2 победата над Квинс парк ренџерс со кој ја освоија првата премиерлигашка титула во 2012 токму пред Јунајтед, даде необична проценка.
„Луѓе, не знаете како е во Англија. Во Англија, сите, сите новинари, сите ТВ канали, сите… Сите се навивачи на Манчестер јунајтед. Сите!“, вели 33-годишниот Агуеро, кој мораше да се повлече од фудбалот минатата година поради проблеми со срцето.
Иако е тешко да се поверува дека сите спортски новинари во Англија се „ѓаволи“, сепак, треба да се напомене дека доста поранешни фудбалери на Јунајтед се дел од ТВ-преносите – Гери Невил, Рој Кин, Рио Фердинанд, Пол Скокс и Овен Харгривс. Од Сити, тука е само поранешниот соиграч на Агуеро, Мајка Ричардс, иако и легендата на Арсенал, Ли Диксон е долгогодишен фан на Манчестер сити.