Антоан Гризман очекува француската репрезентација да се соочи со Уругвај кој ќе имплемантира слична „досадна“ игра како неговиот клуб Атлетико Мадрид.
„Триколорите“ покажаа експлозивен фудбал во 4:3 победата над Аргентина во еден од најдобрите мечеви досега на мундијалот, додека Уругвај борбено дојде до 2:1 триумф над Португалија со два фантастични голови на Единсон Кавани, но и со цврста одбрана и добра тактика.
Гризман очекува неговите колеги од Атлетико, Диего Годин и Хозе Марија Хименез ќе имаат ист пристап на одбраната како во Ла лига.
„Уругвај ќе бидат како Атлетико, ќе го задржуваат времето, ќе паѓаат, ќе одат кај судијата. Ќе мораме да се навикнеме на тоа, бидејќи мечот ќе биде досаден и ќе се обидат да не вовлечат во тоа“, вели Гризман.
Тој исто така предупредува дека Единсон Кавани ќе биде голема опасност доколку успее да се опорави од повредата на бутниот мускул пред петочното четврт-финале.
„Тој за мене е најдобриот напаѓач на светот. Работи за тимот постојано и ако е повреден, тоа ќе ја смени нивната игра. Ние пак, го имаме Килијан Мбапе и треба да му созадеде можности да го покаже истото од мечот со Аргентина. Ова е четврт-финале, а тој има само 19 години. Многу е тивок во соблекувалната и во тунелот и неверојатно зрел. Секогаш слуша што му кажуваат и тоа е голем адут за нас“, вели Гризман.
Фото: ЕПА