Уште три месеци ќе трае сагата наречена Усман Дембеле. Договорот на фудбалерот на Барселона му истекува за три месеци. Сите досегашни преговори помеѓу челниците на Барселона и неговиот менаџер завршија неуспешно.
Во јануари, менаџерот на Дембеле, за својот клиент побарал годишна бруто плата од 40.000.000 евра и дополнителен бонус само за потпис на договорот.
Џоан Лапорта ја одби оваа понуда, објаснил дека Дембеле не може да добие поголема плата од 7.000.000 евра, плус некои дополнителни бонуси.
Лут од уцените, Лапорта дури и му наложил на тренерот Чави да го пресели фудбалерот на трибините до крајот на сезоната.
Дембеле, во последните два месеци игра во одлична форма, а наводно им порачал на соиграчите дека сака да остане на „Ноу камп“.
„Сакам да останам во Барселона. Среќен сум овде, верувам во овој проект. Задоволен сум од соработката со тренерот Чави“, наводно им кажал Дембеле на соиграчите.
Пред два дена, Лапорта, во интервју за „Мундо депортиво“, порачал дека по завршувањето на сезоната ќе има уште една рунда преговори со Дембеле и неговиот менаџер.