Фудбалската легенда, Дарко Панчев, во интервју за германски „Франкфуртер Алемајне Цајтунг“ ѝ порача на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), веднаш да му го продолжи договорот на селекторот Благоја Милевски.
Панчев нема дилема дека Милевски е најдобриот селектор што некогаш го имала Македонија.
„Да сум на местото на претседателот на ФФМ веднаш би му го продолжил договорот на Милевски, веднаш би му дал нов четиригодишен договор. Импресиониран сум од неговата работа и од концептот. За мене, тој е најдобриот селектор што досега го имала Македонија“, рекол Панчев.
Благоја Милевски во август минатата година ја презеде функцијата од Игор Ангеловски. СО ФФМ има договор до 2024 година.