Top Sport

Инфантино: Парите повеќе не исчезнуваат од ФИФА

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, пред ждрепката за Светското првенство во Катар зборуваше за плановите на ФИФА, за одржувањето Светски првенства на секои две години, но и за војната во Украина. Инфантино рекол дека парите повеќе не исчезнуваат од ФИФА.

ФИФА е организација која собира многу пари и многу често е во центарот на разни контроверзии и скандали. Сепак, претседателот Џани Инфантино, кој инаку сака да се кандидира за уште еден мандат, вели дека сега се знае каде одат парите.

„Парите во ФИФА веќе не испаруваат. Веќе не исчезнуваат. Парите одат онаму каде што треба и се е транспарентно. Ако некој верува дека може да ги злоупотреби средствата на ФИФА, мора да знае дека ќе биде фатен и дека ќе мора да го напушти фудбалот. Не сакаме измамници во нашата игра“, рекол Инфантино на Конгресот на ФИФА.

ФИФА беше критикувана и поради објавувањето на приказната за Светското првенство на секои две години. Инфантино тврди дека ФИФА тоа воопшто не го предложила.

„Конгресот на ФИФА побара од раководството на ФИФА, со поддршка од 88 отсто од гласовите, да прави физибилити студија на Светското првенство на ФИФА на секои две години, заедно со некои други проекти во женскиот фудбал и американскиот фудбал. Управата на ФИФА предводена од Арсен Венгер го проучувала извештајот. ФИФА, сепак, не предложи ништо. ФИФА заклучи дека тоа е одржливо и остварливо и дека би имало одредени последици. Кога ова ќе биде официјално, тогаш ќе започнеме разговори, консултации, дискусии, а потоа ќе бараме договори и компромиси“, рече Инфантино.

Тој исто така повика на мир во светот и повика на крај на сите војни и конфликти.

Scroll to Top