Top Sport

Таткото на Оби Микел бил киднапиран додека тој бил на СП

Капитенот на Нигерија, Џон Оби Микел, неколку дена по елиминацијата на неговата репрезентација од светското првенство, открил дека на првенството преживувал семејна драма, бидејќи неговиот татко бил киднапиран.

За да не ја наруши атмосферата во репрезентацијата искусниот фудбалер не сакал случајот да го пријави кај селекторот Гернот Рор и челниците на Фудбалскиот сојуз на Нигерија.

Микел, рекол, дека неговиот татко бил киднапиран во Нигерија, на 26.јуни, додека тој се подготвувал за решавачкиот меч против Аргентина.

Па Оби Микел, бил држен во заложништво, а за да го ослободат киднаперите барале 10 милиони нигеријски наири, или околу 28.000 долари.

Полицијата успеала да го ослободи таткото на Оби Микел вчера, а бидејќи киднаперите го мачеле, тој бил задржан в болница.

Инаку ова не е прв пат таткото на Оби Микел да биде киднапиран. Истото се случило во 2011 година, кога бил ослободен по десет дена.

Scroll to Top