Најдобриот стрелец во историјата на Манчестер јунајтед, Вејн Руни му советуваше на својот поранешен клуб да ги пуштат Кристијано Роналдо и Пол Погба да си заминат од клубот, да го ангажираат Маурисио Почетино и да заборават на пласман во ЛШ следната сезона, бидејќи нема да можат да направат „ништо значајно“ во натпреварувњето.
„Ѓаволите“ беа втори лани, но беа далеку од конкуренти за титулата од Премиерлигата оваа сезона и Руни вели дека е бесцелно по секоја цена да се брка место во ЛШ.
„Мислам дека сите би сакале сезоната да заврши сега и да заборават на Лигата на шампионите. Дури и да се квалификуваат, нема да се конкурентни. Потребно е повторно градење на тимот за да се поставаат во ситуација во која за две-три години би биле конкурентни во Премиерлигата. Мислам дека Почетино е вистинското решение бидејќи ја познава Премиерлигата и во Тотенхем и Саутемптон донесе фантастични играчи. Но, мора да му се даде време. Исто така мислам дека дојде време Пол Погба да замине, и ако е искрен само со себе ќе признае дека не направил многу во Јунајтед. Го гледам со Франција и таму е целосно поинков фудбалер. Има неколку фудбалери кои треба да си одат. Кристијано? Во моментов не функционира. Тој даде важни голови на почетокот на сезоната, но ако гледате кон иднината потребно е да одите со помлади и погладни фудбалери“, вели Руни.