Двократната поранешна шампионка, Петра Квитова излета во првото коло на Вимблдон од светската тенисерка број 50., Белорусинката Алиаксандра Саснович, која ја победи со 6:4/4:6/6:0.
Квитова, која беше осма носителка во Лондон, се повлече од турнирот во Истбурн минатата недела со повреда на бутниот мускул, немаше знаци на повредата, но изгледаше бледо и уморно, посебно во првиот сет.
28-годишната Чехинка оваа година освои пет титули, но против себе ја имаше мотивираната 24-годишната Саснович, која беше одлична на свој сервис и воопшто не беше нервозна на големата сцена.
„Ова беше добар меч, но мислам дека можам да бидам многу подобра. Искрено, уште се загревав на 5:0 во третиот сет“, изјави Саснович.
Шампионката од Ролан Гарос, Романката Симона Халеп ги замолче гласните јапонски навивачи откако со 6:2/6:4 ја совлада Куруми Нара за пласман во второто коло. Светската тенисерка број 1 загуби брејк во првиот сет, но на крајот стигна до убедлива победа за дуел со Кинеската Женг Саисаи во второто коло.
Фото: ЕПА