Петочното четврт-финале против Бразил во Казан е мечот кој ќе ја одреди судбината на оваа генерација на белгиски фудбалери, иако таа не треба да се нарекува „златна“, вели нивниот поранешен капитен, дефанзивецот Винсен Компани.
„Поимот ’златна генерација’ не го измисливме ние, и искрено, не обрнуваме многу внимание на тоа. Факт е дека мечот со Бразил ќе ја дефинира нашата генерација. Тоа е ниво повеќе кое мораме да го достигнеме. Но, истото може да се каже и за Бразил. Со тие фудбалери кои ги имаат… Двете репрезентации заслужуваат да се сретнат подоцна на Мундијалот, а не во четврт-финалето“, вели Компани.
Со имиња како Кевин де Бројне, Еден Азар, Тибо Куртоа, Дрис Мертенс, Маруан Фелаини, кои го покажале своето ниво во големите европски клубови, Белгија досега стигна само до четврт-финалето на СП во 2014 и до истата фаза на Евро 2016 во Франција.
„Порано, во белгиската фудбалска култура имаше чувство дека сме поразени пред мечот, но сега, со вакви играчи, кои играат во големите европски клубови, имаме 100 отсто доверба дека можеме да ги победиме Бразилците. Дали тоа е реално, ќе дознаеме наскоро“, додава асот на Манчестер сити.
Фото: ЕПА