Од „златната генерација“ на белгиските фудбалери се очекува многу на Мундијалот, но ниту најголемите навивачи на „ѓаволите“ не можеа да очекуваат дека по првото полувреме во четврт-финалето против Бразил ќе имаат водство од 2:0.
Дека работите не одат како што треба се виде уште во 13. минута кога Фернандињо по еден корнер на Белгијците ја „турна“ топката со рамо во својот гол. Во 31. минута, Ромелу Лукаку имаше одличен продор напред, по што топката дојде до Кевин де Бројне, кој упати „бомба“ од дваесетина метри за да го совлада Алисон Бекер.
Уште позагрижувачки за „селесао“, Белгијците (пре)многу лесно доаѓаат во шанса на противничката половина, иако и Бразил имаше неколку шанси, преку Кутињо и Нејмар.
Останува уште едни полувреме за Бразил да се врати во живот. Пресвртите се можни, како што покажа самата Белгија, која се врати од 0:2 за 3:2 победа над Јапонија во осминафиналето.