Поранешниот НБА кошаркар, Кермит Вашингтон доби шестгодишна затворска казна откако искористи илјадници долари наменети за африканска добротворна организација која тој ја формирал за лична корист.
66-годишниот Вашингтон ги пренасочувал средствата на сопствената сметка и парите ги трошел на шопинг, одење на годишен одмор и пластични операции за неговата девојка. Тој во ноември призна дека е виновен во федералниот суд во Канзас Сити, по што дојде оваа пресуда, а покрај тоа тој ќе треба да врати над 970.000 долари.
Вашингтон беше избран од Лос Анџелес лејкерс како петти пик на драфтот во 1973 година, и настапуваше за пет тима пред да се повлече во 1987 година.
Тој е најпознат по нокаутот над Руди Томјанович од Хјустон во натпревар во 1977 година кога играше за Лејкерс. За ова тој доби казна од 10.000 долари и суспензија од два месеци. Томјанович беше толку повреден, што предвреме ја заврши кариерата, но потоа беше тренер и на Лејкерс и на Рокитс.