Луис Хамилтон му се налутил на тимот на Мерцедес затоа што синоќа на трката за ГН на Мајами, тркачкиот инженер Питер Бонингтон одлучи, клучната одлука во трката да не ја донесе тој туку тоа да му го препушти на возачот.
Бонингтон го праша Хамилтон дали сака да го искористи излезот од безбедносното возило и да ги смени гумите во 41. круг.
На крајот неговиот тимски колега Џорџ Расел ги замени пневматиците и подоцна го престигна Хамилтон кој сепак не одеше на промена на гумите.
„Во тоа сценарио јас немав поим каде кој се наоѓа на патеката, па тогаш во моменти кога тимот ќе ми каже „одлуката е на тебе“, немам информации да донесам таква одлука. Тоа е твоја работа. Донеси ја таа одлука за мене затоа што ти ги имаш сите детали, а јас не. Им верувам на момците за тие работи, но сега тие мене ми ја препуштија одлуката, а јас тоа не го разбрав“, изјави Хамилтон.
„Кога ми даваат таква одговорност, тогаш имам чувство дека тоа е коцкање, а тоа не ми се допаѓа“, додаде 37-годишниот седумкратен светски шампион, кој трката ја заврши на шестото место.