Работниците во „Фиат“, решиле да стапат во штрајк, бидејќи компанијата одлучила да го финансира трансферот на Кристијано Роналдо во Јувентус. Португалецот договорил годишна плата од 30 милиони евра, а дел од неговата плата ќе биде финансиран од „Фиат“.
Оваа компанија се грижи за стабилните финансии на Јувентус, но фактот дека Кристијано Роналдо ќе добие толку пари ги натерал работниците на ова автомобилска компанија да стапат во штрајк.
Синдикатот на работниците се огласил со соопштение во кое се наведува дека недозволиво е да се трошат стотина милиони евра на трансфер на еден фудбалер.
„Неприфатливо е тоа што работниците во „Фиат“ константно се економски жртви на компанијата која потоа троши стотици милиони евра на трансфери на фудбалери. Ни кажаа дека времињата се тешки, дека поради тоа не може да ни бидат зголемени платите и додека работниците го „стегаа ременот“, компанијата реши да вложи огромни пари во само еден човек“, се вели во дел од соопштението.
„Дали ова е фер? Дали е нормално еден човек да заработува милиони, додека илјадници работници со своите плати не можат да прешивеат до крајот на месецот. Сите работиме кај ист газда, но ваква разлика во третманот не смее да биде прифатена. Вработените во „Фиат“ направија богатство за најмалку три генерации, а за возврат добија мизерија. Компанијата требаше да инвестира во нови модели на автомобили, во иднина на илјадници луѓе, а таа реши да инвестира во еден човек“, пишува во соопштениет со кое синдикатот го најави штрајкот.
Работниците во „Фиарт“ ќе штрајкуваат в недела на 15.јули и во вторник на 17.јули.
Кристијано Роналдо, Реал и Јувентус вчера го потврдија трансферот, за кој „старата дама“ ќе издвои околу 100 милиони евра, а според договорот Португалецот ќе има годишна плата од 30 милиони евра, односно за четири години ќе заработи 120 милиони евра.